Може да се каже дека ним воопшто не им е сеедно од последиците од ангажирањето на една храбра жена. Досега ниту една партија, или пак граѓанска организација, не привлекла толкав број на доброволци исполнети со ентузијазам да учествуваат во нешто големо.
Убедувањето дека народот „се плаши“ од власта си го „врзавме во крпче“ поради незнаењето дека секој од нас има демократско право да учествува во водењето или обликувањето на политиката во државата. Ние си го врзавме „стравот“- ние ќе си го одврземе. А што да правиме, да молчиме цел живот, седнати со скрстени раце?
Власта може да ги дознае имињата на секој што се инволвирал, може да се заканува и ако сака може да наштети. Власта може да се ценка со судбините на луѓето, може да се заканува и да врбува. Но кога постои солидарност помеѓу тие што работат со добра волја и заедно се движат кон целта да живеат во подобра Република Македонија, стравот станува илузија, а правдата смело ѝ пркоси на неправдата.
Зголемувањето на самодовербата кај младите е првата придобивка за Македонија од она што го започна Билјана Ванковска. Ова е првата опиплива и постигната придобивка.
Другата опиплива придобивка е будењето на инстинктот за борба кај младите, но и кај нивните родители, кај нивните роднини, кај соседите и кај пријателите што се солидаризираат со нивната заложба.
Власта ќе се замисли пред да почне да се заканува или да врбува млад ентузијаст доколку знае дека солидарната младина подразбира река од луѓе на „Илинденска“ што нема да престане да тече. Што ќе направи власта тогаш? Ќе ги избрка од работа роднините на секој учесник?
Третата опиплива придобивка за Македонија, доколку Билјана стане претседател, е тоа дека власта ќе мора да научи како да кохабитира со човекот што се искачил на таа функција благодарение на својата одважност да ги покрене граѓаните.
Партиите и луѓето што се на клучни позиции во државата мораат да создадат професионален однос меѓу себе доколку имаат намера да ја вршат работата како што треба, во интерес на сите.
Многу е очигледно дека професионлен однос постои, па дури и помеѓу различни политички партии, но само кога треба да се делат пленот и азното. Кога треба да се работи за интересот на сите граѓани, за интересот на Македонија, поимите кохабитација и професионален меѓуоднос како да не постојат.
На многу наврати Билјана Ванковкса не’ убеди дека таа не е партиски член кому во менталниот склоп му била инсталирана програма за малодушност. Билјана Ванковска не е поткуплива.
Затоа, доколку таа стане претседател на Република Македонија, другите институции на власта ќе мораат да научат нови лекции и нови особини што ќе им бидат потребни за да ја вршат работата за која ние ги плаќаме.
Власта ќе мора да научи како да соработува, ќе мора да научи да игра според правилата. Секој пат кога власта ќе си даде премногу слобода и на тој начин ќе украде од слободата на граѓаните, ќе има човек во функција на совест што ќе проговори пред народот.
Дали власта може да остане нема и рамнодушна на тоа? Ќе дознаеме само ако ѝ дадеме 10,000 потписи на Ванковска, а потоа гласаме за неа за да стане Претседател на Република Македонија.
Ако сегашниот претседател започна Школа за лидери, Ванковска може да започне Институт за личен напредок.
Ако сегашниот претседател му намигнал на некој светски лидер, Ванковска може да му објасни на тој лидер која е придобивката за Балканот доколку Македонија биде признаена од сите држави под нејзиното единствено име.
Ако сегашниот претседател може да фрли неколку илјади евра за вратоврски, Билјана Ванковска може истите пари да ги пренасочи кон цели од кои народот ќе види добробит.
Тие што ја потценуваат заложбата на Билјана Ванковска нека се запрашаат, кој ќе види арно од таквиот цинизам? Дали тие самите ќе видат арно од сопственото неверување? Дали ќе живеат во подобра Македонија благодарение на нивниот молк што значи одобрување на сé што не чини во Македонија?
No comments:
Post a Comment