Friday, February 14, 2014

Наум Димитровски: Каде сте? Што ве нема?

Драги мои блиски, не толку блиски и подалечни пријатели, сегашни и поранешни, сите вие со кои се знаам одамна или не толку одамна. Со најголемиот број од вас, ве има десетици, се знаам од пред 20-25 години, од времињата на славните периоди на „Млад Боред“ и „Пулс“, на чии страници се обидувавме да го артикулираме нашиот сон за слобода и демократија, нашиот императив за просперитетна Македонија.

Ве има секакви- универзитетски професори, новинари, актери, режисери, сликари, политичари... Во текот на овие 20-25 години голем број од вас продефилираа како министри, пратеници, носители на високи функции, амбасадори, градоначалници, познати колумнисти.

Голем број од вас и денес сте носечки актери во калеидоскопот на чинители на јавниот, културниот и политичкиот живот во земјата, но или цврсто, или видливо или помалку видливо приклонети кон една од двете актуелни и жестоко спротивставени политички партии. Што е разбирливо, нормално. 

Исто така, голем рој од вас во последните неколку години од разни причини се примирија, ги снема, очигледно си одбраа некаков ескапизам. Знам дека и мене ме вбројувате во вторите. За оние првите знаеме сите кој кон каде е приклонет. За вторите, горе-долу исто така знаеме. Не сум сигурен каде кого патот ќе го води во иднина. Но сум сигурен дека денес, како и секогаш, сите вие будно следите се'. 

Сигурен сум дека во фокусот на вашето внимание е сето она што се случува околу одлуката на професорката Ванковска да бара поддршка за да може да се кандидира за претседател. Како што сум сигурен и во тоа дека најголемиот број од сите вас, од првите и од вторите, најблаго речено, со одобрување и благонаклонетост ја пречекавте одлуката на професорката.

Ги знам и оние меѓу вас кои се и алтерглобалисти и агностици или атеисти и политички неопределени. И сега, што се случува? Молк. Византиски свилен гајтан? Кукавичлук? Што се случува со нашиот сон, со нашите императиви? Ве прашувам: што ве спречува јавно да се произнесете за намерата на професорката и за опструктивните околности со кои е соочена?

Сакам да верувам дека голем број од вас ќе го сторат тоа; можеби и размислувате за моментот кога и местото каде ќе го сторите тоа. Изборот си е ваш. Мојот избор го направив.

Знам дека ова мое обраќање на некои од вас ќе им звучи патетично, но во моментов тоа ми е небитно. Деновиве по улиците ќе делам флаери со повик за давање потпис за да се овозможи кандидирањето на професорката Ванковска. Можеби некој од вас, било да е приклонет кон едната или другата политичка камарила, ќе ми пријде и ќе ми каже дека ќе се потпише.

Ќе го поздравам со срдечна насмевка. Затоа што разбрал дека со давањето на потписот не гласа, не се определува (во крајна линија ниту јас нема да гласам за Ванковска доколку меѓу кандидатите за претседател препознаам подобра опција за интересите за земјата), туку дека со тоа ќе покаже дека над се' држи до принципот со кој се штити слободата и демократијата.

Наум Димитровски, 14-ти Февруари


No comments:

Post a Comment