Билјана Ванковска - ЖИВОТОТ НЕМА СМИСЛА БЕЗ АЛТЕРНАТИВА
------------------------------------------------------------------------------------------------------Пишува: Бранка Н. Доневска, Фото: Игор Тодоровски
-------------------------------------------------------------------------------------------------------
Таа смета дека особено во време кога повеќето молчат, улогата на јавниот интелектуалец е да зборува. Убедена е дека најсилното оружје на една жена е истото кое е важно и за еден маж - умот, интегритетот, моралот. Ниту време има, ниту пари за фрлање - надворешниот изглед не го смета за најважна работа во животот.
Таа смета дека особено во време кога повеќето молчат, улогата на јавниот интелектуалец е да зборува. Убедена е дека најсилното оружје на една жена е истото кое е важно и за еден маж - умот, интегритетот, моралот. Ниту време има, ниту пари за фрлање - надворешниот изглед не го смета за најважна работа во животот.
За професорката на Филозофскиот факултет во Скопје и раководител на постдипломските студиии за Мир и развој, поголемиот дел од јавноста ќе се согласи дека е личност која зборува умно, и која реално ги гледа состојбите. Таа пак, за себе вели дека е борец.
На моменти уморна, ама сепак борец за она во што верува, дури и кога другите ја сметаат за неискрена, наивна или глупава. Проф. д-р Билјана Ванковска (1959, Скопје) е директен и одлучен соговорник, со голем шарм што не може лесно да се дефинира.
А индивидуалната одговорност што ја покажува реагирајќи кога повеќето од оние кои ноа најмногу го очекуваме се пасивни, ризикот да се зборува без страв, ја сместува меѓу малкумината на врвот од македонската интелектуална елита.
Во ист ден кога Бисел го пофали напредокот во проширување на Европската унија, Ангела Меркел изјави дека сега не е момент за тоа. Како го коментирате ова?
Ако треба да изберам кому да му верувам, дилема нема. Меркел е далеку порелевантна од комесар. Нормално е за проширувањето пофално да зборува токму комесарот задолжен за тој ресор, кој си ја чува работата. Меркел е дел на најмоќното тело, Европскиот совет, и како канцеларка на најмоќната држава во ЕУ, таа може да си дозволи да го каже отворено она што другите го кажуваат во ракавици и со дипломатски речник.
Зошто Македонија во овие две децении не „произведе“ ниту една Меркел? Дали сме подготвени за жена од таков калибар?
-Во демократската политика нема место ниту за железни мажи, ниту за железни дами. Секако, би сакала да видам многу жени во политиката, но немам илузии дека и тие играат по истите правила како и мажите. Што се однесува до Македонија, не е невозможно да добиеме жена-лидер, ама би сакала таа да не е Меркел.
Дали имате впечаток дека одвнатре се с’скаме едни на други додека големите одлуки се донесуваат однадвор?
- Точно е, многу важни одлуки се донесуваат без наше влијание, па и против нашите интереси „таму надвор“, ама најмногу ми е жал што се трошиме во меѓусебни битки околу одлуки врз кои немаме влијание и за кои се обвинуваме, дури и мазохистички. Наместо тоа, треба да видиме што можеме да сториме сами за себе. Застојот во евроинтеграциите е слаб изговор за нашиот неуспех од Македонија да направиме пристојно место за живеење.
Како да почнавме да се делиме на оние кои се про и контра ЕУ.
- И про и контра ЕУ (или НАТО) позициите се легитимни. Тие се во суштината на демократската политика, во која правото да се размислуваа инаку од мнозинството е загарантирано.
Нашиот демократски дефицит е во тоа што се наметнува уверување дека мораме да сме единствени (како во Албанија на Енвер Хоџа да ни е идеал, или Северна Кореја денес).
Мене повеќе ме загрижуваат внатрешните поделби по етничка и верска основа, при истовремено пеење во хор дека сме сите за Европа, за која дури и немаме реална претстава.
„Токму моето одење наспроти ’главната линија на размислување’, која за мене е идеологизирана матрица на едноумие, од мене прави понекогаш лесна мета за отстрел и етикети по разни основи “
Имаме ли ние алтернатива: како земја, како луѓе, како жени...?
-Која е смислата на живот без алтернатива? Ставот дека „немаме друга алтернатива“ е погубен, антиинтелектуален и антидемократски. Тој им прилега на инфантилни и подредени општества (и луѓе). Што се однесува до жените, тие се за мене првенствено луѓе, 50% од целокупната популација, па не би ги издвојувала.
Имате ли впечаток дека вашите колумни се „слушаат“?
-Дека се слушаат, се слушаат, ама дали имаат опипливо влијание, тешко ми е да кажам.
Во општество како нашето се нема слух за мислењето на професионалците, па ниту на интелектуалците (кои самите често или се ставаат на располагање на некоја партиска политика или си молчат „мудро“).
Сакам да верувам дека имам влијание кај групи кои се сега можеби малубројни и без многу моќ, а првенствено кај младите, на кои им оставам аманет дека можат да бидат свои и да не подлегнат на атмосферата на заробен ум.
Со ќерките Марина (1983), Ведрана (1987) и Сара (1994) Цветковски |
Колку сериозно Ве сфаќаат како жена интелектуалец?
-Кога ме сфаќаат сериозно, тоа е најмалку затоа што сум жена, туку затоа што имам аргументи кои знам да ги артикулирам.
Искрено, во академските и други интелектуални кругови, не се перцепираме низ родова призма.
Јас сум за нив првенствено личност, како што се и тие за мене.
И во македонската јавност си создадов таков имиџ и задоволна сум од тоа (или како што некои ми велат „вие сте единствено „машко„ во оваа држава”).
Имате ли достојна ривалка на општествено – политичката сцена?
-Жените не ги доживувам како ривалки. Не сум претендент за политичка функција, а дури и на академски план одамна созреав за да не се натпреварувам, туку со задоволство учам од попаметните од мене. Наместо како ривали/ривалки, попаметно е да се доживуваме како примери.
„Како што не сакам некој да ми продава ветер и магла по дома, истиот став го имам и кон оние од надвор“
Државава има политики за подобра застапеност на жените во сите јавни сегменти. Имаме и родови студии. Колку е земјава пред, зад или со светските текови на ова поле?
-За жал, во времето кога немавме родови студии, бевме понапред во женската еманципација. Сега, како да измислуваме топла вода и се враќаме на заборавени лекции.
Пораснав во услови во кои не бев родово сензитивна, ама бев третирана еднакво (дома со брат ми, или надвор со соучениците, или колегите на работа). Еманципацијата на жената е само дел на суштинското прашање на еманципација на човекот, а на тој план постојат драматични проблеми.
Не сме на дното, ама можеме и далеку подобро. Не е за утеха, но сум сретнала многу жени од запад кои уживаат исклучиво во улогата на сопатнички на своите успешни
мажи, мајки и домаќинки.
Колку сме самите виновни за нагласената второстепеност во општеството која бедно ја прикриваме со многу козметика и ефтина кокетерија?
- И во вакви услови, како жени, можеме да се избориме за подобра општествена положба. Јас не сакам пристап на самосожалуванје, иако сум свесна и ѕа објективните потеШкотии. За жал, кај младите доминираат евтини идоли и популарни се лесни начини на „докажување“. Многу работи се нашминкани во општество во кое наместо темелност и знаење се оди на импровизација. Па видете само како ни е нашминкан главниот град?
Карикатура на Мирко георгиевски, 2005. |
Што сте вие: десничар, левичар, центрист...?
-Ако треба да ги дефинирам своите јавни позиции, накусо би рекла дека сум: левичар (но, партиите од нашата левица се премногу десно за мојот вкус), атеист, алтерглобалист. Сето тоа подразбира стоење на земја, ама со глава отворена и за идеализам и битка за нешта кои на другите им изгледаат смешни и утописки.
Не мислите ли дека претерувате со реализмот?
-Не, на ова општество му треба да се симне од облаците, во кои едните го водат кон историска слава, а други кон светла „европска иднина“. Ако не се погледнеме в огледало да видиме кои сме и какви сме, нема напредок. Вистината боли, ама и треба да боли, бидејќи веќе функциониораме под дијазепами.
Постојано сте на Фејсбук...?
- Фејсбук е она што ќе направиш од него. Јас не го користам за забава, туку како едукативна алатка, креирање јавно мислење, за уривање бариери меѓу луѓе од разни држави и слоеви. Таму сум главен уредник на „мој“ медиум, а со оглед на посетеноста, мојот „тираж“ не е за потценуванје.
Вие си сте самате себе реклама, се менаџирате себе си доста добро. Се согласувате ли со ова?
-Мене реклама не ми треба. Ниту сум лице од естрадата, ниту од политиката. Но, јавноста се повеќе ме доживува како „институција“, па и самата себе си наликувам на некаква народна канцеларија за поплаки и жалби.
Таа улога ми станува се потешка, не заради зголемениот број луѓе кои ме гледаат така, туку затоа што сум немоќна да им помогнам. Владее погрешно мислење дека, ако ме има по телевизии, тогаШ имам моќ да исправам неправди, да вработувам и слично.... Јас сум обичен граѓанин, кој е само малку погласен од другите.
Туѓите маки ги преживувам длабоко, имам емпатија, ама тоа ми станува сериозен проблем. Тешко си го „менаџирам“ животот ако треба да живеам животи на илјадници непознати и, често, несре’ни луѓе.
Затоа ли се разведовте после 17 години брак?!
-Кога мојот бивш маж ме претстави на баба му од едно скопско село, таа прогнозираше дека не е на арно што двајцата сме толку учени.
А тогаш бев само дипломиран правник. Се шегувам. Разводот за среќа не е табу, ниту е бракот светиња.
Најважно ми е дека останавме добри родители на трите ќерки. Секој по својот пат, а тоа да не остави траума врз оние кои ги сакаме повеќе од себе си.
Во каква емотивна врска сте денес?
-Стабилна. Каква што ми треба.
Три генерации: со мајка и Милка и ќерката Сара |
Имате три ќерки. Лесно ли беше да се одгледаат три дами? На што ги учите?
- Ќерките никогаш не ги учев да бидат дами. Ни пак јас сум дама. Голема помош имав од мајка ми (таа е факторот на мојот успех). Одамна немам веќе што да ги научам - тие веќе ме стасуваат и со докторати и со зрелост.
Но, им дадов пример за жена која може да биде и жена и мајка, и интелектуалка, и професионална, а да не забега во ароганција и да не се одлепи од своето социјално опкружување. Тие не забораваат дека потекнуваат од дедо работник (татко ми) и дедо селанец-работник (од другата страна), и две баби домаќинки.
Јас и татко им направивме квантен скок, кој нив им го олесниживотот, ама тие се постигнуваат со свој труд.
Кој Вас ве направи ваква каква што сте? Која Ви е „мислата водилка“?
-Веројатно, многу нешта ме направиле тоа што сум. Во раната фаза на животот пресудно беше влијанието на родителите. М
ајка ми ме научи на пристојност и скромност, но и да стојам цврсто на земја, а татко ми ме научи да „летам“ - да верувам во себе и да мечтаам за подобри нешта. Подоцна имав среќа да стекнам пријателства со блескави умови, кои се уште имаа(т) големо влијание на мене.
Она што ме води во животот е мислата дека не смеам да се изневерам себе си, т.е. мојот морален кодекс кој ми е поважен од се друго (и од успех, и од пари, и од позиции). Најважна мотивација ми е почитта на ќерките, но и на моите студенти. Нив не смеам да ги изневерам.
Што жртвувавте за успехот? Нашите жени тврдат дека се реализирани на секое поле... Можно ли е такво нешто?
-Не, илузија е дека можете да бидете подеднакво успешни во се. Секој човек, секоја жена мора да прави приоритети.
На жените им е потешко во една фаза од животот додека мајчинството ги преокупира, но децата растат, а тие сами ќе одлучат дали е поважно домот да им е во перфектен ред, ручекот сервиран, а чаршавите испеглани - или ќе имаат други приоритети. Јас одбрав друго. Не се гледам како жртва, иако некогаш сум на работ на исцрпеност.
Индивидуална призма
- Луѓето ги гледам низ индивидуална призма, и најмалку ги ценам според изгледот или социјалниот статус. Имам разбирање за оние кои се понесреќни или понеобразовани од мене. Но, јавноста ни е сиромашна и честопати малициозна. Социјалните и други разлики се продлабочуваат, животот е тежок, па оттука и зависта и озборувањата. Квалитетен човечки потенцијал постои, но останува неискористен, ако нема вработувања и можности за остварување и развивање на личноста низ докажување.
Mанипулираат и двата пола
- Жените не манипулираат ништо повеќе од мажите, иако само ним им се забележува дека наводно кокетираат или дека се интригантки. Таквите средства на пробивање во животот ги сметам за одраз на слабост, отсуство на интегритет, самодоверба, чувство на самопочитување, па и недозреаност. Без оглед дали ги користат мажите или жените...
(Теа Модерна, 2 јануари, 2013)
No comments:
Post a Comment